ТФТ во финишот го скрши отпорот на Чаир 2030 за прва победа во сезоната

ТФТ се рехабилитираше од поразот на стартот на сезоната и го доби гостувањето кај Чаир 2030 со 83-87. „Црно-белите“ кои на овој меч настапија без новите странски засилувања, а го немаа ниту центарот Тавиа кој го напушти тимот, не беа шутерски расположени, но одиграа добра одбрана во последната четвртина во која ја надминаа неизвесноста и сосема заслужено стигнаа до првите два бода.

ТФТ успеа да го наметне своето темпо на отварањето на натпреварот и да поведе со 6-13, но кога се чинеше дека гостите лесно ќе стигнат до двоцифрена предност потфрлија на двата дела од теренот. Лошата реализација во нападот умешно ја искористи Чаир 2030 кој со серија од 7-0 стигна до изедначување (13-13), а до крајот на првата четвртина успеа и да поведе со 19-16, користејќи ја лошата реализација на ТФТ од линијата за слободни фрлања (3/10). Неспортската лична грешка на Стојановски донесе и најголема предност за Чаир 2030 од 21-16, но ТФТ не дозволи одлепување на домаќинот. „Црно-белите“ одговорија со подобра игра на двата дела од теренот, офанзивните скокови донесоа лесни поени, успеаја да погодат и четири обиди зад линијата 6,75 па поведоа со 40-44 на полувремето.

ТФТ продолжи да го диктира темпото и со серија на тројки стигна до предност од 42-50, но тајм-аутот на Рамадан ги консолидираше редовите на чаирчани. Чаир 2030 заигра подобро во одбраната, а тоа донесе лесни поени во транзиција со кои домаќинот стигна до изедначување. ТФТ повторно одговори преку Андерсон и Зафиров, но завршницата на третата четвртина им припадна на чаирчани кои ја вратија агресивноста во одбрана, продолжија со добрата транзиција и успеаја да поведат со 62-61. ТФТ остана без Николов кој ја заработи петата лична грешка рано во последната четвртина, но отсуство на центарот не успеа да го искористи Чаир 2030. Домаќините не успеаваа да стигнат поени од организиран напад, а Стојановски, Ташовски и Батрик знаеја да казнат па во последните две минути од мечот ТФТ влезе со позитива од десет поени која беше преголем залак за новалијата и покрај тоа што во еден момент стигна до само „минус четири“.

Јусуф Мохамед со дабл-дабл од 26 поени и 13 скока беше лидер на Чаир 2030, а него го следеше Александровски кој со 20 поени беше расположен против својот поранешен клуб. Нив ги следеше Реџа со 13 поени и 5 скока. Лахлан Андерсон со 20 поени и 7 скока го предводеше ТФТ, 15 поени и 10 скока додаде Батрик, 14 поени и 7 скока постигна Николов, а двоцифрен беше и Костоски со 13 поени, 5 скока и 5 асистенции.

Се вчитува...