31 јануари 2019 година. Дедлајн за Вардар. Пари или суспензија…Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар се наоѓа на работ да биде активирана суспензијата на УЕФА за лошо финансиско работење во клубот и неподмирени долгови кон фудбалерите и стручниот штаб. Парите мора да се платат до полноќ. Погубната политика на Сергеј Самсоненко и пред се неговите раководни пулени дојде за наплата. Европската куќа на фудбалот не простува и сега „црвено-црните“ се оставени со само една опција, и последни 24 часа кои брзо отчукуваат…тик – так, тик – так…
И кога беа во рајот, имаше дилеми, од каде доаѓаат парите во ФК Вардар?! Се ли е според прописите, и на УЕФА, а и согласно домашните законски регулативи?! Тогаш клубот се расфрлаше со финансии, безглаво се инвестираше во нови фудбалери, но на крајот останаа само големи долгови. Учеството во групите од Лигата на Европа ќе остане засекогаш запишано како најголем успех, но и настапите во европското натпреварување како едно големо фијаско. Тоа останува во историјата, а сега дојдоа долговите за наплата. Останува нејасно и каде заминаа оние 4,3 милиони евра кои беа заработени токму од настапот во групите од Лигата на УЕФА.
Вардар, според некои проценки, ќе треба до полноќ да искешира повеќе од еден и пол милион евра, за да се спаси од активирање на условната суспензија од УЕФА. Доколку не го стори тоа, клубот ќе се лизне во амбисот. Ќе добие суспензија за настап во Европа во наредните две сезони (2019/20 и 2020/21) и црнила ќе го одбележат периодот во кој Сергеј Самсоненко раководи со клубот.
Одамна Вардар веќе не е финансиски моќен. Поминаа деновите кога за плати на фудбалерите се потпишуваа договори и по 15.000 евра месечно. Сега состојбата е многу поскромна. Наместо луксузни подготовки во Анталија како пред две – три сезони, „црвено-црните“ сега престојуваат во многу поскромната Аланија, со намален број ’ѕвездички’. Од тимот си заминаа најквалитетните странци, Фелипе, Барсегјан, и тоа токму поради клупските долгови кои ги мачеа подолг период. Составот со кој сега располага Александар Васоски наликува помалку или повеќе на „детска градинка“.
Тик – так, тик – так…Отчукува во Вардар…Им одѕвонува на Самоил Симев, Мирко Спасески…но, за жал, и на големата армија симпатизери на најтрофејниот македонски фудбалски клуб. Јавноста очекува клубот и да се огласи, доколку успее да го надмине проблемот…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА