Тик-так, времето минува: Кој должи, нема да игра кошарка следната сезона!

Денеска е 1 јули, останува само уште половина месец до истекот на конечниот рок даден од Македонската Кошаркарска Федерација до сите клубови кои имаа долгови кон неа, за да  можат да добијат лиценци за натпреварување во сезоната 2027/28.

За потсетување, предводниците на „куќата на кошарката“ беа и повеќе од коректни во целата ситуација, нудејќи попуст од 40% за оние кои ги покрија долговите до 31 мај, додека попустот до 20 јуни изнесуваше 20% на вкупната сума. За жал, овие два рока пројдоа, а се уште постојат клубови кои имаат значителни суми како долг кон федерацијата, од каде пак ставот е повеќе од јасен.

„Сметаме дека покажавме и максимално разбирање и апсолутна добра воља во изминатиот период, правејќи се за да излеземе во пресрет на клубовите во овој период на финансиска неизвесност што трае со месеци наназад. Сепак, ситуацијата е повеќе од јасна, а ние поставивме „правила на игра“ од кои нема да отстапиме. Ако некој не плати и на 16 јули се уште има долг кон федерацијата, нема да има лиценца за да може да се натпреварува во соодветниот ранг на натпреварување“, децидна е пораката од „куќата на кошарката“.

Неофицијално, по еден клуб од Супер-лигата, од Првата лига и од женското елитно друштво имаат значителни долгови кои досега не се покриени, со сериозна опасност тие да бидат исклучени од натпреварувањето наредната сезона.

Време за израмнување на сметките има се помалку, но едно треба да е јасно, правилата мора да се исти за сите, без никакви отстапки.

Се вчитува...