Тиквеш беше лесен тренинг за „вардарци“

Вардар експресно се врати на победнички патеки во Супер-лигата, рутински триумфирајќи на денешниот дуел со Тиквеш со 34-27, оставајќи го зад себе шокантниот пораз од вториот тим на Еурофарм Пелистер во Битола претрпен пред репрезентативната пауза.

Пред „вардарци“ се тешки дуели во Лигата на Шампионите почнувајќи од гостувањето против Пик Сегед, па за тренерот Вујовиќ беше од голема важност без мака да дојде до триумф денеска, за да може да им даде одмор на дел од клучните играчи во тимот. Гостите од Кавадарци добро парираа повеќе од половина полувреме, во еден момент имаа само гол негатива (11-10), за „вардарци“ пред крајот на полувремето да влезат во ритам и на одмор да заминат со пет гола предност (18-13).

„Црвено-црните“ потоа рутински го контролираа резултатот во второто полувреме, во кое шанса добија и дел од помладите ракометари, за Вардар на крајот да триумфира заслужено со конечни 34-27.

Тимур Дибиров одигра уште еден импресивен натпревар за Вардар постигнувајќи 11 гола, четири погодоци за „црвено-црните“ постигна Савревски, додека најефикасни кај Тиквеш беа Темелкоски и Симиќ со по шест постигнати гола.

Се вчитува...