Тиквеш ќе го „шминка“ стадионот и пак ќе атакува на влез во Првата лига

Тиквеш не успеа во баражот со Силекс да стигне до место во Првата лига, но во таборот на кавадаречкиот прволигаш владее оптимизам дека догодина конечно ќе се собере сила за влез во елитното друштво. Ова денеска на средба со фудбалерите на Тиквеш го потврди и „таткото“ на Општина Кавадарци, Митко Јанчев.

„Денеска на моја иницијатива заедно со Советот на општина Кавадарци одлучивме да се сретнеме во полн состав, да направиме сумирање на сезоната што измина. Потрошивме скромни средства, а остваривме врвни резултати во однос на вложувањата. Јас лично сум задоволен од целокупниот резултат на тимот на Тиквеш, пласманот во баражот против прволигашка екипа. За жал, не успеавме да влеземе во Првата лига, која е на само еден чекор од нас. Како Градоначалник останувам на истото мото – Кавадарци на прво место, затоа и ги истакнувам јавно моите планови, и во следната сезона да продолжиме да соработуваме со истиот тим, истата управа и тренерскиот состав кој ќе се грижи за играчкиот кадар“ – рече Јанчев.

Како најголем „плус“ тој го посочи полниот стадион на речиси сите домашни натпревари на Тиквеш, што е вистинска реткост во мак-фудбалот.

„Задоволство беше на нашиот стадион да се следат натпревари пред полни трибини. Ние како Општина Кавадарци ќе продолжиме со спонзорирање на клубот, но наша желба е во следната сезона да не се мачиме волку, туку работата да ја завршиме во текот на сезоната – да го освоиме првото место во Втората лига и директно, без бараж, да влеземе во елитното друштво. Планирана и реконструкција на стадионот, поставување на подобра тревната површина на теренот, како и реконструирање на постоечката и доградба на уште две трибини, една за навивачки групи, другата за обична публика“ – истакна Градоначалникот Митко Јанчев.

Се вчитува...