Тиквеш со нов напаѓач: Американец со француски пасош кој доаѓа од Андора

Тиквеш успеа да договори уште едно засилување пред стартот на вториот дел од сезоната во Првата фудбалска лига, откако кавадарчани потпишаа договор со 20-годишен напаѓач од странство.

Станува збор за Адриен Габриел Амадио Графин, млад голгетер кој денеска го потпиша договорот со кавадаречкиот прволигаш и се стави на располагање на стручниот штаб. Графин е американски интернационалец кој поседува и француски пасош. Тој доаѓа во Тиквеш од шампионатот на Андора каде настапуваше за тимот на Ордино, одигрувајќи три натпревари без ниту еден постигнат погодок. Претходно, Графин има настапувано и за младинската екипа на бразилски Новохоризонт.

Тиквеш по првиот дел од сезоната се наоѓа на седмото место на табелата со 22 освоени бода. Кавадарчани во првата рунда од 2024 година ќе гостуваат во Штип на екипата на Брегалница.

Се вчитува...