Тимур „по стапките“ на Ирина – две финалиња за Вардар, две за Дибирови

 ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски, Игор Паневски

Вардарци ја победија Барселона и денеска ги очекува големото финале со ПСЖ. Ова е второ европско финале сезонава во „црвено-црното“ семејство, но и второ европско финале во семејството Дибирови. Ирина Дибирова во своето тренерско деби со вардарки стигна до првото финале на Ф4 турнирот во Будимпешта. Еден месец подоцна, во европско финале во Лигата на шампионите, на Ф4 турнирот во Келн е и нејзиниот сопруг, Тимур Дибиров во дресот на Вардар.

Дебитантот Вардар успеа да направи пресврт и да слави победа против трофејната Барселона…

„Одигравме многу тежок натпревар. Секогаш решаваат нијанси, така беше и и сега. Во вакви дуели целата екипа дава се од себе, не е важно во кој апсект, одбрана или напад. Сите се боревме и заслужено победивме“ – истакнува Тимур Дибиров.

Рускиот репрезентативец во дресот на Вардар, зад себе веќе има еден настап на настап на завршниот турнир во Лигата на шампионите со екипата на Чеховски медведи на првото издание на Ф4 во Келн во 2010 година. Но, вели дека сега ракометот е на многу повисоко ниво, екипите се изедначени, решаваат деталите во клучните моменти. А, токму еден таков момент Вардар имаше во последните секунди од вчерашното полуфинале…

„Раул зеде тајм-аут, кажа сите да бидеме на своите позиции и да чекаме до крај шут за гол“ – открива Тимур Дибиров каков бил договорот за последниот напад во кој Циндриќ го постигна „златниот гол “ за прво финале за вардарци во ЛШ.

Се после овој меч за Вардар е историја, а историско ќе биде и денешното финале против францускиот ПСЖ. Прво и за „француските милионери“, прво и за вардарци.

„Очекувам ист неизвесен натпревар како што беше и полуфиналето со Барселона. Тешко е да се предвиди однапред, ќе видиме што ќе биде. Шансите се 50-50“ – вели Дибиров.

Се вчитува...