Титулата е на пат за Аеродром, МЗТ поведе со 2-0 во финалето

МЗТ Скопје поведе со 2-0 во финалната серија против Работнички, откако „металците“ вечерва славеа на гостувањето во СЦ „Борис Трајковски“ со резултат 60-69. За разлика од првиот меч, овојпат Работнички покажа и квалитет и карактер. Сепак, со ограничен ростер и без повредените Мираковски и Караџовски домаќините немаа сили да го издржат темпото. Човек на одлука беше Дамјан Стојановски, кој блесна во последната четвртина, направи пресврт и му ја донесе на МЗТ големата победа што ги донесе аеродромци на само еден триумф до враќање на титулата.

Слично како и на првиот натпревар, Работнички подобро влезе во мечот и уште во првата четвртина стигна до двоцифрена предност (19-9). Дури и без помошта на Караџовски, кој се повреди уште во првата минута, Докузовски и неговите избраници го контролираа резултатот, пред се благодарение на прецизните удари од далечина. На спротивната страна, МЗТ и покрај слабата шутерска вечер исто така инсистираше на шутеви за три поени, што и овозможи на „црвено-белите“ да имаат водство во целото прво полувреме и на одмор да заминат со предност од 38-32.

„Металците“ заиграа многу подобро во одбраната во третата четвртина, но повторно беа далеку од посакуваното ниво во нападот. Иако имаа неколку напади да дојдат и до водство при резултат 48-47, избраниците на тренерот Кочов не реализираа во последните три минути од четвртината, па во последниот период се влезе со предност на актуелниот првак од 50-47. Симоновски ја отвори четвртата четвртина со тројка, но на спротивната страна со иста мерка врати Јанески. И двата тима влегоа во „црни минути“ во нападот, пред Дамјан Стојановски да реализира два шута во серија, да израмни на 54-54 и да го принуди Марин Докузовски на тајмаут.

Проблемите уште повеќе се зголемија, Стајиќ ја доби и петтата лична грешка, „центарци“ повеќе од пет минути беа без постигнат кош, а МЗТ Скопје со забивањето на Младеновски и новото положување на Дамјан Стојановски поведе со 54-62, по што Докузовски побара уште еден тајмаут. Серијата од шест и пол минути без поени на Работнички со тројка ја прекина Ефремовски, но Дамјан Стојановски врати со пет поени во серија, ставајќи печат на победата изразена со конечни 60-69.

Капитенот Стојановски беше одличен, остварувајќи дабл-дабл од 16 поени и 10 скокови, надополнети со три украдени топки и две блокади. Двоцифрен ефект кај МЗТ имаае само уште Иванов и Медфорд со по 10 поени, додека во таборот на Работнички најефикасни беа Чавдар Костов со 19 и Ефремовски и Младеновиќ со по 10 постигнати поени.

Третиот натпревар од ова финале, на кој МЗТ Скопје ќе ја има прввата шанса да ја осигура титулата ќе се игра в четврток со почеток во 20.15 часот.

Се вчитува...