Титулата останува во Аеродром – продолжува децениската доминацијата на МЗТ Скопје

МЗТ Скопје ја закити децениската доминација во мак-баскетот со осмата титула во девет сезони откако во третиот финален меч славеше со 89-78 против Еуро Никел. Аеродромци во поголемиот дел од мечот го контролираа резултатот, одолеаја на налетите на гостите во последната четвртина и сосема заслужено славеа во „сино-белото“ финале.

За разлика од првите две средби натпреварот започна во изедначено темпо на двете страни од паркетот, а двата тима се осврнаа кон играта во рекетот. МЗТ Скопје благо поведе со 19-13 на минута и пол до крајот на првата четвртина, меѓутоа кавадарчани одлично возвратија и веќе до истекот на првите 10. минути го превземаа водството (21-23). До крајот на полувремето се играше во серии, а преовладуваше тимот кој шутираше подобро за три поени. Прв иницијативата ја превзема Еуро Никел кој стигна до предност од 31-39, но аеродромци преку фантастичниот Крстевски и неговите пет тројки во првите 20. минути брзо ја стопи предноста на гостите па МЗТ Скопје беше оној кој на „големиот одмор“ замина со 42-40.

МЗТ Скопје подобро го отвори второто полувреме во кое преку шутот за три поени стигна и до двоцифрена предност (56-46), но Еуро Никел навремено ги консолидираше своите редови, одигра далеку подобро во одбраната и успеа да ја преплови разликата, но повторно финишот на третата четвртина беше во знакот на аеродромци кои ја вратија стабилноста и одговорија со шут за три поени, а за предноста да не биде двоцифрена се погрижи Караколев кој со звукот на сирената намали на 71-62 по 30. минути игра. Добриот моментум на Еуро Никел продолжи и на самото отварање на последната четвртина по што кавадачани стигнаа до и до негатива од четири поени, но и покрај тоа што имаа шанси истата да ја сведат на само еден напад, не успеаја во своите обиди. Три минутниот пост на МЗТ Скопје го прекина Магдевски со шут за три поени, а потоа зад линијата 6,75 сигурен беше и Мекиќ, поени со кои домаќините заминаа на +10 (82-72), предност што беше преголем залак за гостите и покрај обиди со кои повторно ја намалија негативата на едноцифрена.

Андреј Магдевски го предводеше шампионот со 21 поен и 6 скока, 16 поени и 7 скока додаде Бојан Крстевски, 12 поени, 5 скока и 4 асистенции забележа Феми Олуџоби, додека Дамјан Стојановски постигна 11 поени, а забележа и 7 скока, 5 асистенции и 2 украдени топки.

Со по 16 поени предводници на вицешампионот беа Роберт Рикиќ и Никола Караколев на кои Хрватот додаде и 12 скока. Нив ги следеше Јане Петровски со 15 поени, додека Данило Мијатовиќ натпреварот го заврши со 11 поени.

Се вчитува...