Тоа би бил спектакл: Фајналфор на ЛШ во Истанбул?!

Раководството на УЕФА се посериозно ја разгледува опцијата за воведување на фајналфор завршница во Лигата на шампионите, во недостиг на термини за доигрување на елитното европско натпреварување во вообичаениот формат. Александар Чеферин уште пред два месеци првпат отвори можност за вакво нешто доколку се нема доволно време за да се одиграат преостанатите средби од осминафиналето, потоа четвртфиналните и полуфиналните дуели пред големото финале што треба да се игра на крајот од август во Истанбул.

Работната група во која се наоѓаат претставници на УЕФА, како и ЕКА (Асоцијација на европските клубови), сега се посериозно ја разгледува токму оваа опција. Според актуелниот план, натпреварите од ЛШ би продолжиле на 8 август, со реваншите од преостанатите четири осминафинални пресметки. Потоа би имало простор уште за четвртфинале (не е решено дали тоа ќе биде еден или два натпревари), а идејата е потоа четирите полуфиналисти да отпатуваат за Истанбул, каде би учествувале на првиот во историјата фајналфор турнир од едно елитно фудбалско клупско натпреварување.

По пеколениот летен ритам од натпревари (јуни и јули во домашни првенства, август за завршница од европските купови), фудбалерите би го добиле септември како месец за одмор, а стартот на новата фудбалска сезона би можел да се очекува во октомври, или евентуално крај на септември. Ова ќе повлече нови проблеми бидејќи УЕФА веќе го закажа ЕВРО 2021 за почетокот на месец јуни, така што сите европски лиги ќе мораат да завршат пред крајот на мај следната година.

Проблеми дефинитивно има многу, токму затоа европската куќа на фудбалот го презакажа состанокот предвиден за следната седмица, што сега ќе се одржи на 17 јуни. Тогаш се очекуваат и сите конечни одлуки за судбината на европските купови, но и точните термини за наредната сезона.

Се вчитува...