Тоа е вистинската Македонија: Историски прв триумф на ЕП, падна Белорусија

ЕКИПА во Љубљана,

Катерина Павлова Николовска, Никола Ѓуровски

БЕЛОРУСИЈА – МАКЕДОНИЈА (25-23, 19-25, 27-29, 20-25)

Одбојкарската репрезентација на Македонија ја оствари првата историска победа на Европското првенство во Словенија. Во четвртиот натпревар на шампионатот македонските одбојкари конечно одиграа во свој стил и ја совладаа Белорусија со 3-1 во сетови, иако беа во негатива по воведниот сет.

Првиот сет беше неизвесен до самиот финиш. Македонија израмни на 18-18, но потоа Белорусите нанижаа три поени во серија и доволно се одлепија за да го добијат „на мускули“ со 25-23.

Сепак, Македонија се врати силно во вториот сет. Поведе со 8-6, неизвезноста траеше до 14-12, а потоа нашите одбојкари направија серија од шест последовни поени и го освоија вториот сет на шампионатот, израмнувајќи на 1-1 во битката со Белорусите.


Мечот влезе во драматичен тек. Белорусите имаа 23-21, Македонија израмни, а со „челенџ“ и ја спаси грешната одлука на судиите за смеч-аут на Никола Ѓоргиев. Капитенот влезе во поентерска серија, извлече фантастичен поен за 26-26, а потоа и погоди неверојатен смеч за комплетирање на сетот, 29-27.


Белоруските одбојкари пропаднаа во дупка, Македонија поведе со 6-2 на почетокот и на четвртиот сет. Никола Ѓоргиев и соиграчите влегоа во посакуваниот ритам, одличен финиш имаа и Љафтов и Милев. Пет поени предност имаа македонските одбојкари (23-18) и Белорусите немаа сили да се вратат како против Финска. Македонија го оствари првиот историски триумф на ЕП.

Се вчитува...