Тоа ќе биде мега-дуел: Баерн – Борусија Д. во осминафиналето од Купот на Германија

Не се само Вардар и Шкендија редовни во меѓусебните дуели во националниот куп, откако Борусија Дортмунд и Баерн Минхен седма година по ред беа извлечени еден против друг во рамките  од Купот на Германија.

Двата најдобри германски тима ќе се сретнат уште во осминафиналето од ова натпреварување, а натпреварот ќе се игра на 19 декември на „Алијанц Арена“ во Минхен. Во претходните шест сезони меѓусебниот скор е 3-3, а лани овие два тима се сретнаа во полуфиналето, при што Баерн забележа победа од 3-2.

Во останатите натпревари од осминафиналето во Купот на Германија ќе се сретнат Мајнц – Штутгарт, Нирнберг – Волфсбург, Хајденхајм – Ајнрахт, Вердер – Фрајбург, Борусија М. – Баер Л., Падерборн – Инголштад и Шалке – Келн.

Борусија Дортмунд и Баерн Минхен претходно ќе се сретнат веќе в сабота, во рамките од 11. коло од Бундес-лигата, меч што ќе се игра во Дортмунд со почеток во 18.30 часот.

Се вчитува...