Арената на Веспрем е подготвена за ракометен спектакл откако унгарскиот гигант објави дека на 30 август ќе организира егзибициски натпревар против германскиот гигант Кил.
Веспрем планира овој дуел да го искористи како „проштален меч“ на легендарниот голман Арпад Штербик, а заедно со него простување од фановите на Веспрем ќе имаат и Ласло Наѓ, Момир Илиќ и Нандор Фазекаш.
Во ситуација кога владее коронавирусот, тимот на Дејан Манасков инсистира мечот да биде одигран пред навивачи. Како што информираат од Веспрем, доколку биде донесена забрана за присуство на публика на трибините, натпреварот ќе биде презакажан за нов датум кога овие ракометни легенди би се простиле од навивачите во преполната „Веспрем Арена“.
Арпад Штербик летово обелодени дека става крај на извонредната професионална кариера, но легендарниот голман останува во Веспрем, како дел од тренерскиот тим задолжен за работа со чуварите на мрежата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА