Тодоров: Ако не верувавме во победа, немаше да одиме во Талин

Александар Тодоров се надева дека на турнирот во Талин ќе ја прослави првата победа како селектор на Македонија. Кормилот на националниот тим не сака проблемите со Covid-19 да послужат како изговор во ситуацијата, особено ако се знае дека исти главоболки имаат сите селектори во моментов.

„Амбиција секогаш постојат бидејќи ова е репрезентација, станува збор за еден циклус од шест натпревари на кои немаме време за тактизирање. Она што нам ни се случува во моментов сум убеден дека им се случува на сите репрезентации во Европа, така што единствено нешто што е сигурно е несигурноста. Ова е исклучително тешка ситуација пред се за планирање, бидејќи дури и оние играчи кои повторно ќе бидат негативни во Скопје, не е сигурно дека ќе играат во Талин бидејќи таму има уште едно тестирање“, вели Тодоров.

Целта на репрезентацијата не е променета, мора да се победи Естонија на гостински терен и на тој начин да се реваншираме за поразот пред своите гледачи од овој ривал.

„Во 2020 година во Европа секој веќе игра кошарка, нема слаба селекција, во кој група и да се падневме секој натпревар ќе беше тежок. Естонија ја има предноста на домашен терен, но ние веднаш по оној прв пораз во Скопје рековме дека наша цел е да одиме во Талин за да победиме, тоа воопшто не е променето. И тие имаат свои проблеми, еднакво големи како нас. Во понеделник кога ќе допатуваме таму, кога ќе почнеме со тренинзи, ќе говориме поконкретно затоа што е втор меч. Италија има проблеми исто така, не знаеме со кои 12 ќе дојдат во Естонија. Кога ќе влеземе во тој „балон“ во Талин, секоја селекција ќе ги открие картите. Па и ние ќе ги дознаеме своите адути и ќе може да планираме нешто повеќе како тактика и скаутинг за противниците. Ако не постоеше шанса да победиме, немаше да патуваме за Талин“, порача Тодоров.

Се вчитува...