Тодоров: Без бело знаме против фаворитот во групата

Селекторот на кошаркарската репрезентација Александар Тодоров очекува храбро издание од нашиот национален тим на денешниот натпревар против Италија. Противникот е лидер во групата без оглед на фактот што ов овие квалификации настапува со крајно подмладен состав, но Тодоров им порача на своите избраници дека овој ривал не смее премногу да се респектира.

„Свесни сме дека станува збор за силен противник кој во минатиот циклус со голема леснотија ги совлада и Русија дома и Естонија во Талин. Седум од основните осум играчи кои настапија на тие два натпревари се тука. Затоа може да очекуваме идентичен стил на игра како во февруари. Направивме анализа, подобро речено, скаутинг. Верувам дека ќе најдеме одговор за нивната игра. Без разлика што играме против фаворитот број 1 во нашата група, со сигурност нема да излеземе ниту со преголем респект кон противникот, а најмалку со кренато бело знаме. Впрочем, синоќешната победа над Данска против огромниот фаворит Литванија, и тоа на домашен терен, ни дава за право да се надеваме на добар резултат“, вели Тодоров.

Според македонскиот селектор, најзначајно ќе биде да се неутрализираат шутерите од далечина на противничката селекција.

„Доколку го сопреме нивното најсилно оружје, а тоа е шутот за три поени, пред сè, на четворицата нивни најдобри играчи, Дела Вале, Морети, Витали и Ричи. Фактот дека Италија е директно пласирана на ЕП им дава можност да играат без голем психолошки притисок, слободно, со многу шутирање, дури и во транзиција, затоа нашиот главен фокус треба да биде токму во таа насока“ – потенцира кормиларот на нашиот национален тим.

Се вчитува...