Поранешниот тренер на МЗТ Скопје, Александар Тодоров е изборот на раководството на КФСМ за нов предводник на националниот тим откако беше обелоденето дека нема да биде продолжена соработката со досегашниот кормилар, Јорданчо Давитков.
Во последната седмица се водеа интензивни преговори за на крајот да биде постигнат целосен договор и Тодоров да ја води Македонија во квалификациите за Евробаскет 2021 година.
Овој стратег во моментов работи во романскиот прволигаш Крајова, функција која ќе продолжи да ја извршува паралелно со селекторскиот ангажман.
ЕКИПА.мк дознава дека договорот ќе биде потпишан со важност до крајот на квалификациите, а во случај на пласман на ЕП истиот автоматски ќе биде продолжен за уште четири години. Пред новиот селектор е одговорна задача за подмладување на националниот тим, но паралелно со тоа и остварување на резултат, пласман во најдобрите три селекции во групата со Русија, Италија и Естонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА