Тодоров: Ги знаеме „оружјата“ на Италија, пред нас е тежок меч

Македонските репрезентативци веќе трет ден тренираат во Талин, влегувајќи во завршна фаза од подготовките за претстојните квалификациски дуели на турнирот во естонскиот главен град. Италија ќе биде наш прв ривал в сабота, станува збор за селекција што и со исклучително подмладен состав веќе ги совлада Русија и Естонија на стартот од овие квалификации, па со самото тоа ќе ја има и фаворитската улога против Македонија.

„Фактот дека се подмладени не треба да залаже никого, бидејќи станува збор за селекција што игра многу квалитетна кошарка. Имаат петмина дебитанти, но во однос на оние првите натпревари од пред 12 месеци од играчите со позначителна минутажа ќе го немаат само вториот плејмејкер Рузиер. Ќе мораме да внимаваме на нивниот главен организатор на играта, Марко Спису, кој има извонредна сезона во тимот на Сасари, за кој во Лигата на Шампионите во просек има 15 поени и девет асистенции по натпревар. Диктира исклучително брза игра на која никако не смееме да се навлечеме, бидејќи по последните проблеми немаме широчина во ростерот за да издржиме силно темпо“, истакнува селекторот Александар Тодоров за ЕКИПА.

Уште една сериозна опасност за нашите кошаркари е шутот од далечина на „аѕурите“, оружје што го користеа максимално и против Русија и против Естонија.

„Надворешните позиции им се најсилна страна на Италијанците. Покрај Спису, тука се и беспрекорни шутери како Дела Вале, Моретини и Витали, кошаркари кои имаат околу 40% успешност при шутевите за три поени. Тука е и Џампаоло Рики, кошаркар кој настапува кај Александар Ѓорѓевиќ во Виртус Болоња, кој исто така го одликува прецизен шут од далечина. Ќе мораме да одиграме на највисоко ниво во одбраната ако сакаме да имаме шанса за триумф на овој натпревар. Што се однесува до нивната одбрана, забележливо е дека одлично преземаат при ситуациите „пик енд рол“, нешто на што ќе работиме на овие последни тренинзи“, порачува Тодоров.

Се вчитува...