Тодоров: Русите инсистираат на шут од далечина исто како и Македонија

Македонските кошаркари попладнево (16 часот) во Перм ќе го одиграат вториот натпревар од квалификациите од Евробаскет 2021. Почетниот пораз од Естонија значително го компликува пласманот на Евробаскет 2021, а денешниот дуел со Русија ќе биде уште потежок ако се земе во предвид мотивацијата на домаќините, кои загубија со убедливи 19 поени од Италија (83-64), па со евентуален нов неуспех против Македонија сериозно би си ги намалиле шансите за пласман на ЕП.

Јасно е дека „црвено-жолтите“ ќе ја имаат улогата на аутсајдер, но нашите кошаркари и членовите на стручниот штаб гласно најавуваат дека немаат намера предвреме да капитулираат без борба.

„Уште пред стартот на квалификациите се знаеше дека Италија е веќе пласирана на Евробаскет, а Русија е фаворит од преостанатите три средби. Тие загубија во Неапол, но тоа беше само причина за мобилизација, па за дуелот со нас дополнително ги повикаа евролигашките кошаркари Трушкин и Боломбој, кој сигурно ќе им донесат дополнителен квалитет. Малку бев изненаден од нивната игра на првиот меч, бидејќи инсистираат на шут од далечина, нешто што го правиме и ние. Русите досега низ годините најчесто беа фокусирани на игра на низок пост, тоа не го правеа против Италија. Главни играчи им се Фридзон, Кулагин и Антипов, кои се кошаркари со најголемо искуство и беспрекорен шут“, изјави селекторот Тодоров.

Се вчитува...