Тодоров: Се мачевме со вироза и повреди, но ќе сториме се за да ја победиме Естонија

Македонските кошаркари се максимално мотивирани, но и оптимистички расположени во пресрет на утрешниот дуел со Естонија, прв од квалификациите за ЕП 2021. Естонците се наши главни ривали за третото место во групата, кое би значело и пласман на континенталниот собир,

Проблем за „црвено-жолтите“ се повредите на двајцата плејмејкери, Ненад Димитријевиќ и Андреј Магдевски, заработиле повреди на вчерашниот тренинг, но се очекува двајцата да се појават во тимот на утрешниот натпревар.

Влегуваме во последните 24 часа пред натпреварот со Естонија. Она што можам да го истакнам од последниот пат кога се видовме е дека одработевме еден циклус од осум тренинзи и еден пријателски меч. Нешто што посебно ме прави задоволен е што од вториот ден бевме комплетирани со сите 15 кошаркари. Успеавме да поставиме темели, да организираме нешто што сакаме да биде наш стил на игра со оваа нова репрезентација. Имавме мали проблеми по дуелот со Гостивар поради болест на неколку кошаркари, поради што два дена не тренираа, за време на вчерашниот тренинг останавме и без двата плејмејкери поради ситни повреди. Сепак, верувам дека двајцата ќе можат да ни помогнат, а ние ќе најдеме начин да стигнеме до посакуваниот резултат“, истакна Тодоров.

Тој ја потенцираше и главната опасност што ќе доаѓа по нашиот состав, крилните центри на противникот.

„Естонците се собраа во понеделникот и во вторникот веднаш тргнаа на пат до Скопје, се наоѓаме . Се уште немаме доволно информации, тие штотуку се собраа, така што ние сигурно сме во предност од аспект на подготовките. Нивните двајца најдобри играчи играат на позиција четири, двајцата се по 30 години и се најискусни и се најдобри шутери од далечина. За да можат да ги искористат двајцата, верувам дека во одделен дел од мечот ќе играат и двајцата заедно, ние добро се подготувавме токму за тој дел од натпреварот“, изјави Тодоров на денешната прес-конференција.

Тој има голема доверба во младите кошаркари, тврдејќи дека нема преголема разлика меѓу нивниот квалитет и оној на поискусните кошаркари.

„Она што го тврдам како тренер дека нема преголема разлика меѓу оние поискусните и оние помладите. Нормално, кај помладите може да се случи да изгорат во желба, да направат грешка, но како квалитет верувам дека не постои голема разлика и јас стојам зад тоа. Моја желба е Андреј Јакимовски да биде дел од 12-те, но тој беше најпогоден од вироза и ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Мислам дека ќе биде во ростерот, но ќе видиме дали ќе може да го видиме на терен“, изјави селекторот.

Центарот Бојан Крстевски очекува добра партија од нашите кошаркари, бидејќи најважно ќе биде ние да играме онака како што знаеме и умееме.

„Имавме неколку дена заедно, сосема доволно за да ги одработиме овие подготовки, на тактички и на физички план. Ни останува максимално да се залагаме, да го испочитуваме она што ќе го побара селекторот од нас и се надевам дека ќе бидеме успешни. Немаме премногу сознанија за Естонците, денеска ќе ги добиеме деталите од нивната игра. Фокусот беше на нас, на нашата игра бидејќи за да стигнеме до посакуваниот резултат мораме ние да бидеме на висина на задачата“, изјави Крстевски.

Се вчитува...