Миодраг Тодоровиќ, младиот стратег кој приреди огромно изненадување со пласманот во големото финале од плејофот со тимот на Маџари, изненадувачки го напушти скопскиот суперлигаш и се пресели на кормилото на Кожув.
Тодоровиќ извонредно го водеше Маџари, со лимитиран буџет најпрвин влегувајќи во Топ 6, потоа и во плејофот, за таму да го елиминира ТФТ со 2-0 и да обезбеди пласман во големото финале, резултати со кои дефинитивно го заслужува епитетот „тренер на сезоната“.
Се очекуваше тој и во новата сезона да биде на клупата на Маџари, но во меѓувреме дојде до промена во плановите на скопскиот клуб, а Тодоровиќ без проблем најде нов ангажман, прифаќајќи да биде на чело на амбициозниот суперлигаш од Гевгелија.
Договорот и официјално беше потпишан денеска, а од младиот стручњак се очекува да го води Кожув најмалку до плејофот во новата сезона.
„Кошаркарскиот клуб Кожув со задоволство ја информира јавноста дека Миодраг Тодоровиќ е новиот тренер на нашиот прв тим.
Тодоровиќ во Кожув доаѓа од екипата КК Маџари, каде што ја извршуваше функцијата главен тренер и работеше на развојот и напредокот на тимот. Претходно беше дел од стручниот штаб на КК МЗТ Скопје како помошен тренер, стекнувајќи значајно искуство на највисоко клупско ниво во македонската кошарка.
Воедно, тој е и селектор на македонската репрезентација до 18 години, што дополнително ја потврдува неговата стручност, посветеност и квалитетна работа со младите категории.
Во претходната сезона, Тодоровиќ беше избран за најдобар тренер во македонската Супер Лига, како признание за неговата работа, резултати и професионален пристап. КК Кожув му посакува топло добредојде и многу успех во црвено-белата фамилија“, се вели во објавата на клубот од Гевгелија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
