Леонид Тодоровски ќе дебитира за сениорската репрезентација на Македонија откако центарот на МЗТ Скопје 2 доби шанса од селекторот Тодоров во ситуација кога отсутни се Крстевски и Николовски. Младиот центар ветува дека ќе ја оправда очекуваната доверба, но истовремено и порачува дека мора да се размислува не само на триумф над Естонија, туку и разликата да биде двоцифрена, за целосен реванш за поразот во Скопје.
„Пред сè, му се заблагодарувам на селекторот што ми даде една ваква шанса, да бидам тука, во ова друштво и да настапувам во сениорската репрезентација. За мене исклучително важен момент во кариерата. Искрено, очекувам да ја победиме Естонија, и тоа со повеќе од десет поени разлика. Ќе се потрудам доколку добијам шанса, максимално да го оправдам повикот на селекторот. Подготвен сум за овој нов предизвик во мојата кариера. Сум во постојан тренажен процес во овој изминат период и одреден број на официјални мечеви во нашиот шампионат“, вели Тодоровски.
Тодоровски не би требало да има некој проблем со репрезентативната „адаптација“, иако со колегите од националниот тим одржа само четири тренинзи.
„Иако зад нас се само неколку тренинзи во Скопје, се познавам добро со моите репрезентативни соиграчи. Со дел од нив сум играл и во иста екипа, со другите како противници. Полека се навикнуваме на барањата кои со себе ги носи играњето на едно вакво репрезентативно ниво. Сите сме тука со една цел – да победуваме. Така ќе биде и во Талин, се надевам“ – додава еден од дебитантите во овој избор на Тодоров за „балонот“ во главниот град на Естонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА