Македонскиот првак Вардар на отворањето на новата сезона во Првата лига ќе ја пречека Брегалница на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Меѓу двата европски дуели со Рига, вардарци максимално се фокусирани и на стартот на шампионатот во кој ќе бранат освоената титула лани.
Играчот за врска Димитар Тодоровски вели дека Вардар има обврска да освои три бода на стартот, затоа што амбициите на клубот се да се бори и да ги освои двата домашни пехари, во првенството и во Купот.
„Почнува новата сезона, а Вардар ја брани титулата. Тоа значи дека имаме и обврска да играме во шампионски стил и да победуваме. Верувам дека ќе го наметнеме нашиот ритам и дека ќе успееме да дојдеме до триумф, иако имаме апсолутен респект за Брегалница. Штипјани имаат квалитетен тим и сигурно имаат што да понудат во Првата лига оваа сезона. Сепак, ние сме максимално фокусирани и нема да дозволиме да бидеме изненадени“, вели Димитар Тодоровски.
Вардарци ќе играат против Брегалница меѓу двата дуели од двомечот против Рига во втората рунда од квалификациите за Конференциската лига.
„Секој натпревар има своја важност, воопшто не го потценуваме домашното првенство во овој момент. Верувам дека стручниот штаб ќе ја распореди силата и енергијата во тимот и дека Вардар ќе стигне до три бода, секако и со помош од своите верни навивачи.“
Натпреварот меѓу Вардар и Брегалница е закажан за 17 часот на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
