Тофилоски и Даноски остануваат во Победа, доаѓа и напаѓач од Бразил

По дефинирањето на условите со клупското раководство од денеска и официјално верноста на Победа ја продолжија двајцата носители на играта на екипата во претходната сезона, капитенот Дарко Тофилоски и најдобриот стрелец пролетва Зоран Даноски.

Даноски се обврза на нова двегодишна верност со прилепчани, а голманот Тофилоски на едногодишна верност кон клубот. Од Победа информираат дека стратегијата во овој период е да се договараат играчи за подолгорочна соработка.

Како што претходно објавивме, двегодишни договори потпишаа и новите засилувања Ристе Маркоски, Христијан Драгарски, Антонио Каланоски и Саше Шопоски, како и сега веќе староседелецот Никола Јаќимовиќ, додека тригодишен договор потпиша Александар Исаевски.

Деновиве се очекува исходот од разговорите и преговорите со уште двајца домашни фудбалери, како и доаѓањето во Прилеп на двајца интернационалци, од кои еден напаѓач од Бразил. На проба во Победа е и младиот 20-годишен напаѓач Богдан Мандиќ, кој настапувал за неколку белградски клубови, а потекнува од школата на ОФК Београд.

Победа првиот тест меч летово ќе го одигра на 4. јули со Беласица во Струмица, а пред поаѓањето на подготовки во Банско, на 12. јули, се бара спаринг партнер за натпревар на 8. јули.

Се вчитува...