Тоијала: Го запревме Димитријевиќ во првиот дел и ја завршивме работата

Естонскиот селектор Јука Тоијала имаше извонредно деби на клупата на оваа репрезентација, триумфирајќи лесно и убедливо против Македонија. Финскиот стратег ја доби тактичката битка со Александар Тодоров, Естонците доминираа на теренот, па благодарение на одличното прво полувреме на крајот заслужено се радуваа на победата.

„Македонија во второто полувреме покажа карактер, но ние бевме мирни кога беше најважно, го издржавме притисокот. Најважно беше како одигравме одбрана против Димитријевиќ, кого го задржавме на нула поени и три загубени топки во првото полувреме. Во второто полувреме тој покажа дека е врвен играч, но ние веќе имавме предност што знаевме како да ја задржиме“, истакна Тоијала.

Најдобар во таборот на Естонците на овој натпревар беше Кристијан Куламае, кој реализираше 31 поен.

„Пред се честитки на двата тима за добрата игра. Пресреќен сум како одигравме, го контролиравме ритамот, имавме водство и знаевме како да ги запреме нивните лидери. Сепак, ова е само еден меч, има уште многу да се игра во овие квалификации и ние мораме да продолжиме во ист ритам и в недела против Италија“, изјави Куламае.

Се вчитува...