Толедо се врати на терените, Вардар го победи Металург

Вардар имаше успешна „генералка“ во пресрет на продолжението од Лигата на шампионите и дуелот со Кил, откако денеска во контролен натпревар „црвено-црните“ го совладаа Металург со 35-26. Најважно за тренерот Алушовски е што својот прв меч во црвено-црниот дрес го одигра Жозе Толедо, откако бразилскиот бек конечно се рехабилитираше од тешката повреда заработена на стартот од сезонава.

„Металурзите“ изненадија со добра игра на стартот, имаа водство од 4-8, но Вардар успеа да се врати, на одмор да замине со предност од 17-15, а потоа во вториот дел избраниците на Алушовски целосно доминираа во однос на противникот и триумфираа со конечни девет гола предност.

Дибиров беше прв стрелец со осум погодоци, шест постигна Криштопанс, а по пет гола постигнаа Чупиќ и Скубе. Поповиќ и Чантурија со по пет погодоци беа најефикасни во таборот на Металург.

„Вардарци“ веќе на 5 февруари му гостуваат на Кил во ЛШ, по што ќе следат и средби на домашен терен со Мотор (15 февруари), на гости кај Порто (22 февруари) и последниот меч со Монпелје во Скопје на 29 февруари.

Се вчитува...