„КРАЈ НА ЕДНА ЕРА“: Година за толку многу спомени – Лазаров, Стоилов, Миркуловски…!

Завршува уште една година во која домашната сцена не ни понуди преголеми спортски радости, но ракометарите беа единствените кои го одржаа континуитетот од настапи на големите натпреварувања.

Европскиот шампионат во Унгарија беше уште една можност за националниот тим да биде дел од големата сцена, но за жал во Дебрецин се случија премногу малери, од повредата на капитенот Кире Лазаров, до позитивните ковид-тестови на уште неколку ракометари, кои придонесоа резултатите да не бидат според очекувањата.

Она по што оваа 2022 година ќе остане запаметена засекогаш е крајот на една ракометна ера, откако Кире Лазаров, Филип Миркуловски и Стојанче Стоилов заедно ги завршија настапите за македонскиот национален тим, и тоа во голем стил, откако помогнаа да се обезбеди пласманот на мундијалот во Полска и во Шведска.

Кире Лазаров замина во легендите како најдобар македонски ракометар на сите времиња, помагајќи да се остварат најдобрите резултати во историјата на националниот тим, за жал без да се исполни неговата голема желба – да ја предводи Македонија на едни Олимписки Игри. Тој уште од Дебрецин ја извршува функцијата селектор на Македонија, а со своето знаење и ракометно искуство помогна да се трасира патот до мундијалот, елиминирајќи ги притоа Романија и Чешка.

Филип Миркуловски и Стојанче Стоилов остануваат запаметени како најголеми борци што го имаат носено репрезентативниот дрес. За Македонија играле и повредени, секогаш националниот тим ставајќи го над се останато во своите блескави кариери. Миркуловски исто како и Лазаров минатото лето и официјално ја заврши играчката кариера, моментно е помошник тренер во бундеслигашот Вецлар, додека Стоилов се уште го носи дресот на Вардар, клуб каде заслужено важи за апсолутна легенда и икона.

„Горд сум на се што се случи, на победата, но тагата е голема поради овие двајца. Тажен сум што си заминуваат, Столе ми е потребен. Тие знаат дека секогаш ќе бидам тука за нив, бидејќи навистина ме задолжија и мене и оваа репрезентација“, низ солзи изјави селекторот Кире Лазаров по триумфот над Чешка со кој беше обезбедена мундијалска виза.

Тројцата ракометни великани им го покажаа патот на помладите, како Македонија повеќе од една деценија во континуитет да биде дел од кремот на светскиот и европскиот ракомет, а сега на помладите е да ја продолжат таа традиција – со Кире Лазаров како селектор.

Се вчитува...