Томас Милер останува во Баерн Минхен до 2023 година

Германскиот првак Баерн Минхен ја продолжи соработката со офанзивецот Томас Милер до 2023 година. Раководството на клубот му понуди нов двегодишен договор, а Милер без размислување се сложи да остане на „Алијанц арена“.

„Двете страни со задоволство прифатија обновување на договорот. Сигурен сум дека ќе имаме многу заеднички успеси во иднина, како впрочем и досега. За мене Баерн Минхен секогаш е врвен приоритет, а среќен сум дека и клубот го мисли истото за мене. Минав две третини од животот во Баерн Минхен, за мене клубот е пасија, среќен сум што ќе другаруваме заедно уште две дополнителни години“, изјави Томас Милер.

Фудбалерите на Баерн Минхен од почетокот на оваа седмица се вратија во тренинг базата и работат во помали групи на пет фудбалски игралишта. Тренерот Ханси Флик прв ги воведе и „сајбер“ тренинзите, а сега и повторно го изнесе тимот на фудбалски терен во периодот кога Германија, а и светот, се бори со пандемијата на коронавирусот.

 

Се вчитува...