Томовски: Со нов селектор и нова енергија патуваме на ЕП

Ракометната репрезентација на Македонија ги почна подготовките пред учеството на Европското првенство 2022 година. Селекторот Лазаров денеска го имаше првиот собир со дел од репрезентативците, од каде селекцијата ќе се упати на подготовки во Маврово.

Репрезентативниот голман Мартин Томовски вели дека со нова енергија и со нов тренер сакаат да покажат дека вредат по лошиот настап на мундијалот во Египет на стартот на оваа година.

„Сакаме да извлечеме поука од лошото Светско првенство во Египет. Сакаме да покажеме дека вредиме. Со нова енергија и нов тренер доаѓаме на ова ЕП. Сите сме здравствено добри и сакам така да останеме до почетокот на првенството. Верувам дека максимално ќе се посветиме на подготовките и ќе бидеме подготвени за шампионатот. Европското е најтешко натпреварување. Има две места за во следната фаза. Кога станува збор за противниците тие ни се добро познати. Данска и Словенија се сериозни кандидати за пласман понатаму, а Црна Гора може да биде изненадување. Важно е да имаме одлична подготовка и да се претставиме во најдобро светло на ЕП“, изјави Томовски. 

Македонија на еврошампионатот ќе игра против репрезентациите на Данска, Словенија и Црна Гора, а само првите две репрезентации ќе обезбедат пласман во следната рунда.

Се вчитува...