Томовски во феноменална форма, триумф на Миркуловски, реми на Кузмановски

Мартин Томовски продолжува со одличните настапи во дресот на Лудвигсхафен откако македонскиот голман беше меѓу најзаслужните за победата на домашен терен над Бергишер од 28-22. Гостите имаа водство од 13-14 по првото полувреме, но Томовски блесна во вториот дел, прими само осум гола и му донесе пресврт и триумф на својот тим. Македонскиот голман го заврши мечот со 14 интервенции (два одбранети пенали), како потврда за одличната форма пред трансферот во Вардар што веќе е договорен за летово.

Вецлар лесно и убедливо го совлада Нордхорн со 35-26, натпревар што беше решен во првото полувреме што Филип Миркуловски и неговите тимски колеги го добија со 20-9. Македонскиот репрезентативец постигна три гола без промашување, а прв стрелец на Вецлар во убедливата победа беше Бјернсен со седум погодоци.

Филип Кузмановски и Хановер имаат причина да бидат разочарани откако не успеаја да го совладаат Фуксе Берлин, ремизирајќи 27-27 со незгодниот ривал. Хановер имаше водство од 27-24 во 57. минута, но гостите од Берлин успеаја да се вратат во финишот и да избегнат пораз. Кузмановски немаше свој ден, не се запиша меѓу стрелците и покрај двата обиди кон противничкиот гол, а зад неговото име останаа запишани две асистенции.

Жарко Пешевски и Штутгарт претрпеа пораз од 35-29 на гостувањето против Лемго. Македонскиот пивот постигна два гола од исто толку обиди за својот тим, недоволно за да се избегне пораз.

Се вчитува...