Топ 5 фудбалски мечеви на деценијата – Ах тој Чоло, фудбалот не се врати дома, чудесните „Камп ноу“ и „Енфилд“ и бразилската тага (ВИДЕО)

Со завршувањето на 2019 година се заокружува период од десет години во кој бевме сведоци на неверојатни спортски приказни. Редакцијата на ЕКИПА.МК составува листа од топ 5 фудбалски мечеви кои ја одбележаа изминатата декада.

АХ, ТОЈ ЧОЛО 

Градските ривали, Реал и Атлетико Мадрид се сретнаа во финалето на Лигата на шампионите во 2014 година на Луж во Лисабон. Секогаш вториот во главниот град на Шпанија имаше сезона за незаборав. Титула во Ла лига и шанса за прв пат да се радува на трофејот во елитното натпреварување. Диего Годин донесе водство во 36. минута. Избраниците на Диего Симеоне успеваа да одолеат на нападите на „кралевите“ се до таа 93. минута. Последна шанса, корнер за Реал и „таличниот“ Серхио Рамос со глава. Изедначување на 1-1 и тага на лицата на фудбалерите кои само секунди ги делеа од сензација. Натпреварот замина во продолженија, а таму „војниците на Чоло“ немаа сила за ништо повеќе. Три гола за Реал, конечен триумф од 4-1 и тага на лицата на вистинските љубители на оваа прекрасна игра, кои потајно секогаш се надеваат дека еден аутсајдер може да ја покори Европа. Атлетико немаше среќа и две години подоцна, кога повторно против истиот ривал, овој пат на пенали не успеа да ја покори Европа. Дали ќе има Симеоне нова шанса, во новата декада, останува да видиме и да се надеваме дека клубот кој не е најдобар ниту во својот град, еден ден ќе може да искачи на врвот на Европа.

ХРВАТСКА НЕ ДОЗВОЛИ „ФУДБАЛОТ ДА СЕ ВРАТИ ДОМА“ 

„Играме финале на Светско првенство и го враќаме фудбалот дома“, беше коментарот на англиската јавност кога дознаа дека во полуфиналето на Светското првенство во Русија ќе се сретнат со малата Хрватска. Сепак, Хрватите не мислеа така. Генерацијата предводена од Лука Модриќ, Иван Ракитиќ и Марио Манџукиќ успеа да направи нешто што ниту еден Хрват не веруваше дека ќе доживее да се случи, а тоа е да го подобри успехот на генерацијата „1998“ која на Мундијалот во Франција ја освои бронзата. Во луд натпревар (имено какви што беа и сите за „коцкестите“ во Русија), Хрватите успеаја да слават против Англија со 2-1 по продолженија и да го направат најголемиот успех во историјата, а на Англичаните да им го урнат сонот дека фудбалот конечно, по 1966 ќе се врати дома.

ЧУДЕСНИОТ „КАМП НОУ“ 

Не мора да си фан на Барселона за да знаеш дека „Камп ноу“ е храм на фудбалот. Ретко кој успеал да замине како победник, а токму на овој стадион се случи и најголемиот пресврт декдава. Осминафиналниот двомеч од Лигата на шампионите во 2017 година донесе два неверојатно различни натпревари. Францускиот Пари Сен Жермен како ретко кој претходно во првиот натпревар на домашен терен ја прегази големата Барселона со 4-0 и веќе се промовираше себе во патник меѓу осумте најдобри. Но, фудбалот не би бил најважна споредна работа во светот доколку не носи пресврти и натпревари за паметење. Токму таков беше реваншот на „Камп ноу“ на 8. март 2017 година. Каталонците по 50. минути имаа предност од 3-0 и беа само на гол од продолженија. Кавани намали на 3-1 во шеесеттата и во тој момент сите мислеа дека сите дилеми се решени. Сепак, можеби најлудите пет минути во историјата на фудбалот го демантираа сето тоа. Прво Нејмар во 88 и 91. минута донесе водство на Барселона од 5-1, а Серџи Роберто со гол во 95. ги постави конечните 6-1 и ја трасираше Барселона меѓу осумте најдобри на стариот континент. „Камп ноу“ доживеа ерупција, а секој што беше присутен на „каталонската гордост“ засекогаш ќе ги памети моменти од пресвртот на деценијата.

И „ЕНФИЛД“ ЗНАЕ ДА БИДЕ ЧУДЕСЕН 

Старата народна вели дека во животот се се враќа. Барселона направи чудесен пресврт во 2017, а две години подоцна им се случи слична ситуација. Полуфинален двомеч против Ливерпул во кој Каталонците успеаја да изгубат нешто што не се губи. Првиот дуел на „Камп ноу“ заврши со победа од 3-0, а Дембеле во финишот на мечот имаше ситуација еден на еден против Алисон за огромни 4-0. По првиот натпревар дури и најголемите фанови на Ливерпул не веруваа дека нивниот тим може да стигне до неверојатен пресврт. Но, тогаш се случи тоа. Тие ги дочекаа своите фанови со „Никогаш нема да чекорите сами“, а Јирген Клоп уште еднаш покажа дека е еден од најголемите мотиватори во оваа игра. Дивок Ориџи беше херојот на „црвените“ кои успеаја да ја анулираат негативата од првиот натпревар и со вкупни 4-3 да се пласираат во финалето во кое го совладаа Тотенхем и го презедоа тронот во фудбалска Европа.

ДЕНОТ КОГА ЦЕЛ БРАЗИЛ ПЛАЧЕШЕ 

8. јули 2014 година е денот кој ќе биде запишан со црни букви во историјата на Бразил. Најфудбалската нација во светот го претрпе најголемиот удар кој никогаш нема да биде преболен и заборавен. Бело Хоризонте го доби прекарот „Град на тагата“. Пет гола за триесет минути на германската машинерија и молк на „Естадио Минеирао“. На крајот мечот заврши 1-7, Германија влезе во финалето и стана светски шампион, а пет години подоцна Бразилците се уште не го преболеа тој 8. јули… Сигурно никогаш и нема.

Се вчитува...