Топ 5 тениски мечеви на деценијата – Вимблдонскиот маратон, неверојатниот Новак и „23“ на Серена (ВИДЕО)

Со завршувањето на 2019 година се заокружува период од десет години во кој бевме сведоци на неверојатни спортски приказни. Редакцијата на ЕКИПА.МК составува листа од топ 5 тениски мечеви кои ја одбележаа изминатата декада.

ВИМБЛДОНСКИОТ МАРАТОН 

Американецот Џон Иснер и Французинот Николас Мау, на стартот од декадата го одиграа најдолгиот меч во историјата на тенисот. Вимблдонската трева беше сведок на натпреварот кој почна на 22, а заврши на 24. јуни. 11 часа и 5 минути активна игра и вкупно 183 гема, беа потребни Американецот да слави со 70-68 во решавачкиот петти сет и да го запише своето име во листата на бесмртни.  

„23“ НА СЕРЕНА НА АВСТРАЛИЈА ОПЕН 

28. јануари 2017 година ќе остане запаметен како денот кога Серена Вилијамс беше крунисана за најдобра тенисерка во историјата. Да можеше да бира немаше сама да одбере подобар момент да стане најтрофејната тенисерка во Опен ерата, со вкупно 23 грен-слема еден повеќе од легендарната Штефи Граф. Финале во Мелбурн, против својата сестра Венус, кое Серена без поголеми проблеми го доби со 2-0 (6-4, 6-4). Серена стигна до својата „23“ и пред неа остана само уште рекордот на Маргарет Корт која има една титула повеќе од најголемите турнири.

НОЌИТЕ ВО МЕЛБУРН ЗНААТ ДА БИДАТ ДОЛГИ 

Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал во 2012 на Австралија опен го одиграа најдолгото финале во историјата на тенисот. 5 часа и 53 минути беа потребни, Новак Ѓоковиќ во пет сета (5-7, 6-4, 6-2, 6-7 и 7-5) да го совлада големиот ривал и да стигне до нов трофеј во Мелбурн. Таа вечер беше навистина посебна. Фановите останаа на централниот терен до два часот по полноќ, а на крајот од мечот двајцата тенисери поради големата исцрпеност пред доделувањето на трофеите, добија столчиња од организаторите за да можат да седнат и да одморат. 

ДЕНОТ КОГА НОВАК БЕШЕ КРУНИСАН ЗА „КРАЛ НА ПРЕСВРТИТЕ“ 

Полуфиналето на УС опен 2011 година беше денот кога Србинот, Новак Ѓоковиќ беше крунисан за „крал на пресвртите“. Федерер имаше се во свои раце. Две меч топки на свој сервис при водство од 5-3 во решавачкиот сет, но Србинот не мислеше така. Следуваше можеби еден од најдобрите удари кои се видени во историјата на „белиот спорт“, неверојатен форхенд ритрн на Ѓоковиќ и делириум на Централниот терен на Флешинг Мидоус. Се останато што се случуваше потоа е историја.

„КРАЛОТ НА ПРЕСВРТИТЕ“ Vol. 2

Осум години подоцна, овој пат на најсветото тениско место во светот, Вимблдон, против Роџер Федерер за крај на декадата која изминува. Новак Ѓоковиќ спаси две меч топки против Федерер и со неверојатен пресврт во првиот историски супер тај-брејк во решавачкиот петти сет славеше со 13-12. Историјата се повтори, a присутните на централниот терен останаа занемени од магијата која им ја понуди популарниот Ноле, кој повторно го урна нивниот миленик.

Се вчитува...