Топ зимски трансфери: Кутињо вреди повеќе од Ван Дајк и Обамејанг заедно

Дојде и почетокот на февруари, вистински момент за резимирање на јануарскиот преоден рок, кој беше „бурен“ пред се во Премиер-лигата. Највредна преселба сепак беше онаа од Англија во Шпанија, на Филипе Кутињо, а во последните денови од јануари бевме сведоци на неколку интересни размени.

Најскап трансфер во светот на фудбалот во јануари 2018 година е оној на Филипе Кутињо, од чија продажба во Барселона раководството на Ливерпул заработи 145 милиони евра. Повеќе од половина од овие пари „црвените“ ги потрошија за доведување на Вирџил ван Дајк, холандскиот дефанзивец кој пристигна на „Енфилд роуд“ од Саутемптон за сума од 78 милиони евра. Интересно е што трансферот на Кутињо вреди повеќе од вкупните транфери на Ван Дајк со оној на Пјер Емерик Обамејанг, кој за 60 милиони евра од Борусија Дортмунд се пресели во редовите на Арсенал.

Меѓу Ван Дајк и Обамејанг, трет трансфер во висина во зимскиот преоден рок е оној на Емерик Лапорт, чиј ангажман од Атлетик Билбао челниците на Манчестер сити го платија 65 милиони евра.

Листата од Топ 5 трансфери ја заокружува Бакумбу, од чија продажба во Кина раководството на Вилјареал заработи 40 милиони евра.

Од останатите преселби во текот на зимата, во Шпанија Барса освен со Кутињо се засили и со Јери Мина, а се ослободи од Деулофеу (Ватфорд), Арда Туран (Башакшехир) и Маскерано (се пресели во Кина). Реал Мадрид остана пасивен, додека Атлетико Мадрид ги реализираше од претходно договорените трансфери на Диего Коста и на Витоло.

Најинтересно беше во Англија, каде Арсенал и Манчестер јунајтед направија директна размена – Алексис Санчез за Мхитаријан, Челси го доби Жиру од Арсенал, но го испрати Батшуаи во Борусија Дортмунд, Тотенхем се засили со Моура од ПСЖ, Евертон за 27 милиони фунти го доведе Ченк Тосун од Бешикташ, а Вест хем го позајми Жоао Марио од Интер до крајот на сезонава.

Во Италија беше премногу мирно, па така гигантите не доведоа ниту едно врвно засилување. Рома по продажбата на Палмери во Челси како замена го доведе Силва од Спортинг Лисабон на позицијата лев бек, Интер се задоволи само со позајмиците на Рафиња од Барселона и со Лисандро Лопез од Бенфика, додека Милан поради опасност за прекршување на финансискиот ферплеј беше пасивен во текот на зимава.

Се вчитува...