Торино во очај – Белоти ги скина лигаментите

Фудбалерите и навивачите на Торино се во шок по тешката повреда што најдобриот играч на оваа екипа, Андреа Белоти, ја заработи на денешниот тренинг на „торинезите“. Италијанскиот репрезентативец останал во агонија да лежи на теренот за време на тренингот и со солзи заминал кон болницата, јасно ставајќи до знаење дека станува збор за сериозен проблем.

Иако се уште нема официјална потврда, италијанските медиуми информираат дека станува збор за проблем со лигаментите во коленото, што ќе значи и пауза од најмалку шест месеци од терените. Ова практично значи дека Белоти нема да може да се врати до крајот на сезонава, што ќе биде сериозен удар за Торино во обидот оваа екипа да стигне до што подобар пласман во Серија А.

Останува да се види дали ваквиот развој на настаните ќе придонесе Синиша Михајловиќ да ја интензивира офанзивата по Илија Несторовски, за чии услуги тренерот на Торино се интересираше уште пред повредата на Белоти.

Се вчитува...