Торонто им набива комплекс на ЛА Лејкерс

Кошаркарите на ЛА Лејкерс паднаа на „шампионскиот испит“ откако „езерџиите“ загубија во дуелот со актуелниот првак Торонто со убедливи 109-71. Тимот на ЛА Лејкерс веќе подолго време се соочува со проблеми секогаш кога ќе се сретне со „рептилите“ од Канада, ова беше 12. пораз во низа од синоќешниот ривал, кога последен пат го победи во 2014 година благодарение на трипл-даблот на Коби Брајант. Кајл Лаури одигра одличен меч и со 33 поени го предводеше Торонто до голема победа, Ануноби имаше 23 поени, додека Леброн Џејмс беше прв стрелец на „езерџиите“ со 23 поени, 10 скокови и пет асистенции.

Ти-Џеј Ворен го одигра натпреварот на кариерата, предводејќи ја Индијана до триумф на мечот против Филаделфија (127-121). Ворен погоди девет тројки од вкупно 12 обиди, вкупно реализирајќи 53 поени. Џоел Ембид имаше извонреден дабл-дабл од 42 поени и 21 скок, но и тоа беше недоволно за Филаделфија да избегне пораз на оваа средба. Оклахома Сити лесно и убедливо триумфираше над Јута (110-94), дуел на кој домаќините имаа и предност од 29 поени, а „џезерите“ во ниту еден момент не можеа да се надеваат на победа.

ЛА Клиперс со доминтно прво полувреме (77-45) го декласираа составот на Њу Орлеанс, на крајот славејќи со убедливи 126-103. Џорџ со 28 и Ленард со 24 поени беа најефикасни во таборот на Клиперс, со што оваа екипа се зацврсти на второто место во Западната конференција.

Се вчитува...