Торонто повторно немоќен пред „Кралот“, победа на Сан Антонио за пресврт…

Кошаркарите на Кливленд лесно славеа против Торонто со 115-94 доаѓајќи до чекор од финалето на Истокот во НБА плејофот, откако сега водат со 3-0 во серијата.

Торонто добро се држеше во првото полувреме добивајќи го во своја корист, но пресвртот следеше во третиот период, за да предноста во последната четвртина дојде и до 23 поени. Леброн Џејмс ја одигра својата 90-та средба во плејофот во која постигна 35 поени, дополнети и со осум скока и седум асистенции. Солидни беа и Кевин Лав и Кајри Ирвинг со по 16 поени.

Во поразената екипа брилјираше ДеМар ДеРозан кој стигна до плејоф рекорд на кариерата постигнувајќи 37 поени. Валанчиунас запиша 19 поени и 8 скока.

Сан Антонио стигна до голема победа на гостувањето во „Тојота центарот“ над Хјустон со 103-92. Спарси со оваа победа го презедоа водството па сега имаат 2-1 во серијата.

Кошаркарите на Сан Антонио одиграа одлична одбрана, сведувајќи го Хјустон на само 92 постигнати поени, што е најмалку за нив оваа сезона.

По главно израмнет прв дел, Спарси „дадоа гас“ во третата четвртина во која првпат стигнуваат и до двоцифрена предност. Од тогаш се навести триумфот на Сан Антонио, кој играше без повредениот Тони Паркер. До победата ги предводеа Леонард и Олдриџ. Леонард постигна 26 поени, дополнети и со 10 скока и седум асистенции, а ЛаМаркус Олдриџ запиша 26 поени, дополнети и со седум скока и две асистенции.

Се вчитува...