Тошевски не ја мина пробата во Универзитатеа, а пред пандемијата за него понудила 700.000 евра

Каде е Давид Тошевски? Македонскиот фудбалер за кого Ростов плати блиску 1 милион евра во јули 2020 година, едноставно го снема од „мапата“ во последните шест месеци. Тој од јуни па наваму нема ниту еден настап, иако пред неколку недели беше на проба во романскиот тим Универзитатеа.

Токму од Универзитатеа се огласија дека за истиот играч во 2020 година нуделе 700.000 евра, но дека биле победени од Ростов кој понудил повеќе. Две години подоцна, македонскиот фудбалер не ја мина пробата во романскиот тим.

„Бевме во разговори со напаѓач за кого пред пандемијата понудивме 700.000 евра. Тој беше купен од друг тим кој понуди повеќе, но никогаш не заигра таму“, изјави газдата на клубот Михаи Ротару, притоа не напоменувајќи за кој играч станува збор, иако романските медиуми потенцираат дека станува збор за македонскиот фудбалер. 

Откако стигна во Ростов, 21-годишниот напаѓач беше испраќан на позајмица во Тамбов, Горник Забрзе, Михаловце… Со последниот тим имаше договор на една година, но словачката екипа се реши предвреме да го прекине и да го врати во Русија.

ЕКИПА побара информација од Ростов каде е Тошевски, но после три обиди немаше никаков одговор од рускиот клуб. Од Универзитатеа потврдија дека нема да потпишат со Тошевски, односно дека не го минал пробниот период. Не е проблем ниту договорот со рускиот тим до 2025 година, затоа што преку ФИФА може во секој момент да го раскине, поради руската инвазија на Украина.

Се вчитува...