ТОТАЛНА НЕЗАИНТЕРЕСИРАНОСТ: Знаат ли воопшто Американците дека се игра Светско првенство!?

Низ цел Њујорк, луѓето славеа до доцна во ноќта. Вистинска еуфорија на улиците на Менхетен, додека илјадници милји подалеку, во Санта Моника, од баровите покрај плажата одекнуваа навивачки восклици. Но, причината не беше натпреварот од Светското првенство, туку сензационалниот пресврт на Њујорк Никс – најголемиот во историјата на финалето на НБА – со кој ги победија Сан Антонио Спарс.

Тој настан јасно покажа со каков предизвик се соочува најпрестижниот фудбалски турнир во светот во САД, каде што националниот тим се подготвува за натпреварот во сабота против Парагвај. Фудбалот, или „сокер“, во САД не ужива ни приближно иста популарност како кошарката или американскиот фудбал, а неодамнешно истражување покажа дека половина од Американците воопшто не се заинтересирани за Светското првенство, за коее не знаат ниту дека се игра кај нив.

Њујорк во кошаркарска треска

Ова е втор пат САД да бидат домаќини на Светското првенство, по домаќинството во 1994 година. Тој турнир имаше значајно и трајно влијание врз фудбалската култура во земјата, зголемувајќи ја популарноста на спортот и отворајќи го патот за основање на МЛС. Сепак, повеќе од три децении подоцна, враќањето на Светското првенство сè уште не ја освои целосно имагинацијата на јавноста.

Во Њујорк, секако, може да се најдат докази дека големиот турнир започнал. Метрото е украсено со боите на националните тимови, лицето на Лионел Меси се насмевнува од постер на Тајмс Сквер, а навивачите во дресовите на Мароко и Бразил, кои играат во сабота на стадионот МетЛајф, шетаат по градот. Но, жителите на Њујорк се опседнати со кошарка во моментов. Никсите водат во финалето на НБА со 3-1 против Спарс и ако победат во сабота, ќе ја освојат шампионската титула за прв пат од 1973 година.

„Го гледавте Бетмен, нели? Го гледавте Готам? Па, веројатно така ќе биде во сабота навечер ако Никсите победат“, изјави еден навивач за Би-Би-Си. „Искрено, воопшто не сум следел ништо поврзано со Светското првенство. Не ме интересира ништо освен Никсите“.

Уште еден спортски фан додава:

„Фокусиран сум на Никсите, но кога ќе заврши, дефинитивно ќе се префрлам на Светското првенство“.

Трет навивач, облечен во дрес на Никсите, признава..

„Ќе бидам искрен. Не знам многу за фудбалот“.

Бавно загревање пред лудилото

Во Лос Анџелес, каде што американската репрезентација ќе игра два од трите натпревари во групата, приказната е слична. На улиците што водат од аеродромот беа поставени транспаренти за промоција на турнирот, лицата на американската репрезентација се менуваат на електронски билборди, а во центарот на градот се појави голем мурал со ликот на аргентинската легенда Лионел Меси. Сепак, оние кои не го следат фудбалот лесно би го пропуштиле фактот дека турнирот штотуку започнал.

Еден возач на такси го изрази своето изненадување во разговор со новинарите на Би-Би-Си, прашувајќи:

„Светското првенство се одржува? Кој игра?“

Организаторите, сепак, очекуваат возбудата да расте како што напредува турнирот.

„Мислам дека имавме бавно загревање што води до вистинска возбуда“, рече Лари Фридман, копретседател на Организацискиот комитет на Светското првенство во Лос Анџелес.

Помладата генерација Американци, кои не се сеќаваат на првенството од 1994 година, изгледаат многу поентузијастични.

„Се организиравме да ги гледаме натпреварите заедно, многу сме возбудени“, рече еден млад човек по име Махон. „Исто така, се обидуваме да ги убедиме пријателите кои не се премногу заинтересирани за фудбал. Им кажуваме – ние сме тимот на САД, тоа е гордост на нацијата. Мислам дека луѓето ќе се вклучат.“

Шкотланѓани во Бостон: „Никој не знае дека се игра првенството“

Шкотска се враќа на Светското првенство за прв пат по 28 години, а нивните навивачи, познати како „Тартанска армија“, пристигнуваат во Бостон оваа недела, каде што нивниот тим игра против Хаити во недела. Но, тие се пречекани од американската јавност, која во најголем дел не е свесна за настаните.

„Отидов пред десет минути да испратам писмо и девојката во поштата ме праша што правам тука и дали сум на одмор. Носев дрес на Шкотска. Таа дури и не знаеше дека се одржува Светското првенство“, рече еден шкотски навивач и додаде:

„Пабовите се одлични, но не мислам дека некој знае дека се одржува Светското првенство“.

Еден од најголемите проблеми за навивачите, и домашните и странските, се цените на билетите. Иако билетите сè уште беа достапни во деновите пред првиот натпревар на САД, најевтините чинеа 1.120 долари, што ги одврати многумина, особено семејствата, да одат на стадионот.

Се вчитува...