Тотенхем со ѕвездите Кејн, Деле Али, Сон… во Скопје, но без „трансфер бомбите“ од Реал

Лондонски Тотенхем, по утринскиот тренинг во својата тренинг база, во попладневните часови денеска пристигнува во Скопје пред утрешниот натпревар од 3. коло во квалификациите за Лига Европа со Шкендија, кој се игра на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Пред доаѓањето во Македонија, менаџерот Жозе Мурињо информираше дека максимално сериозно му се пристапува на натпреварот без ниту најмало потценување на противникот поради што во Скопје се патува со најсилниот состав предводен од Хари Кејн, Сон, Деле Али… На списокот патници се и Алдервирелд, Ламела, Сисоко, Моура, Ндомбеле…

„И Деле Али ќе патува со нас во Скопје, но дополнително ќе биде одлучено дали ќе се најде во стартниот тим“ – истакна Мурињо на прес-конференцијата во Лондон.

За Скопје, пак, не патуваат ѕвездите Герет Бејл и Серхио Регулион кои пристигнаа од Реал Мадрид пред неколку дена, но нема да бидат во комбинација за утрешниот натпревар.

Мурињо одлучи во Скопје ниту да одработи официјален тренинг пред дуелот со Шкендија, ниту да одржи прес-конференција за македонските медиуми.

Се вчитува...