Тотенхем за историја: Прв тим без летен трансфер во Премиер-лигата

Во период во кој ривалите се засилуваа, а сите премиерлигаши имаат значителна финансиска надмоќ во однос на клубовите од останатите држави ширум Европа, Тотенхем се реши на неочекуван потег – да не ангажира ниту едно единствено засилување во текот на летово. Со тоа, „спарси“ станаа првиот клуб во историјата на Премиер-лигата од нејзиното формирање во 1993 година, што не довел ниту едно единствено ново име во текот на еден летен период за трансфери.

Преодниот рок во Премиер-лигата заврши попладнево во 18 часот, а Маурицио Покетино остана доследен на својот став, да не доведе нов играч освен доколку тој не претставува вистинско засилување за овој клуб. За аргентинскиот стратег сепак најважно беше што го задржа целиот тим од лани, предводен од Кејн, Али и Ериксен.

„Јас имам извонредна група од 25 фудбалери со кои функцинираме беспрекорно. Клучно беше тие да останат, дел од нив да добијат и нови договори како награда, а веќе реков дека ќе купувам засилување само доколку навистина станува збор за играч што експресно би го кренал нашето ниво на игра“ – изјави Покетино.

Се вчитува...