Трајчевски: Тренирањето со Блажевски и со Глишиќ во Вардар ми помогна да им ги одбранам пеналите

Филип Трајчевски, голманот на битолски Пелистер е јунак на „зелените“ после вчерашниот меч во кој одбрани два удари од белата точка на Вардарци, и така го однесе својот тим во полуфиналето на Купот.

Трајчевски инаку е битолчанец, како мал почнал во Пелистер, а потоа од фудбалската школа Талент заминува во Вардар. Бранеше за младинците на „црвено-црните“, но повремено тренираше и со првиот тим. Беше и на подготовки со екипата во Анталија во 2016 година. Тренираше заедно токму со Глишиќ и со Блажевски, кои не ги реализираа ударите од белата точка вчера, и на некој начин беа трагичари. Тренирањето во Вардар му помогна многу на голманот да ги „прочита“ нивните намери и да им ги одбрани пеналите.

„Секако дека и тоа имаше големо влијание. Тоа што тренирав во минатото заедно со Блажевски и со Глишиќ кога бев на подготовки. На некој начин знаев што можам да очекувам, особено од Блажевски кој беше редовен изведувач на ударите од белата точка во Вардар тоа време. Тие се најикусни играчи во Вардар, ги почитувам, но сега сум дел од Пелистер и мене ми е драго што успеав јас да излезам како победник и да му донесам на мојот тим пласман во полуфиналето“, вели Трајчевски во изјава за ЕКИПА.

Сепак, за разлика од Купот, во првенството Пелистер не игра онака како што посакуваат љубителите на фудбалот во Битола. „Зелените“ се на последното место на табелата, со мали шанси да обезбедат опстанок. Сепак, Трајчевски смета дека овој пласман во полуфиналето може да делува мотивирачки за Пелистер за добри подготовки и потоа настап во пролетниот дел од сезоната.

„Пласманот во полуфиналето ќе ни биде еден вид мотивација најпрво да одработиме добри подготовки, и со сите сили во пролетниот дел да се обидеме да ја оствариме целта да останеме во Првата лига. А за Купот ако се пружи шанса, сигурно дека ќе дадеме се од себе да го освоиме пехарот“, рече Трајчевски.

Се вчитува...