Трајковски: Едвај чекам да се вратам во Палермо, Италија мора да биде внимателна со Македонија

Александар Трајковски неколку години помина во Палермо, Италија, земја во која стекна бројни пријатели и научи многу повеќе за фудбалот.

Во интервју за „Скај Италија“, Александар најпрво зборуваше за смртта на претседателот Маурицио Зампарини.

„Морам да кажам дека веста за смртта на претседателот Зампарини многу ме погоди. Нема да го заборавам никогаш тоа што го направи за мене, ме донесе во Италија и во тие 4 години ми даде голема доверба. Секогаш ме штитеше и кога работите не одеа во добра насока. Засекогаш ќе остане во моето срце“, истакна Трајковски.

Трајковски проговори и за престојниот бараж дуел за СП помеѓу Италија и Македонија.

„Кога победивме на дуелот со Исланд и се пласиравме во бараж за СП тоа за нас е огромен успех. Македонија никогаш немала ваква голема шанса да биде блиску да игра на Мундијал. Не можам ни да замислам какво славје ќе биде ако се пласираме на Светско првенство. Кога разбрав дека ќе играме против Италија и тоа во Палермо се возбудив. Полсле долги години ќе се вратам на стадионот каде што играв. Италија ми недостасува, во еден натпревар може да се случи се. Македонија има добар тим и Италија треба да биде внимателна“, додаде Трајковски.

Трајковски неодамна се пресели во Саудиска Арабија, а во интервјуто посочи дека се надева дека во иднина ќе се врати во Италија.

 

 

 

Се вчитува...