Трајковски: Имав понуда од Милан пред да потпишам за Мајорка

Македонскиот фудбалски репрезентативец Александар Трајковски ја избрал Мајорка пред Милан во летниот преоден рок во 2019 година. Офанзивецот на Палермо беше интересен за неколку клубови бидејќи беше достапен како слободен играч по распадот на сицилијанскиот клуб, за на крајот да ја избере Мајорка за своја следна дестинација.

Сепак, во интервју на Инстаграм за „Ди Марцио“, нашиот интернационалец откри дека бил контактиран и од челниците на Милан, но разговорите не биле доволно конкретни за да го убедат во преселба на „Сан Сиро“.

„Претставници на Милан се сретнаа со моите агенти. Имаше контакт, интерес од нивна страна, но не беше доволно. Работите не се одвиваа онака како што посакував, па на крајот заминав во Мајорка. Имав и други понуди од Италија, но кога стигна понудата од Мајорка, добив желба за промена, заминување од Апенинскиот полуостров и преселба во Шпанија“, открива Трајковски.

Се вчитува...