Трајковски: Лихтенштајн? Нормално, ќе ги победиме!

Македонската фудбалска репрезентација вечерва (20.45 часот) на стадионот „Младост“ во Струмица го игра последниот квалификациски натпревар од циклусот за СП 2018 во Русија. На гости доаѓа аутсајдерот Лихтенштајн, а најдобрите македонски фудбалери посакуваат со триумф да ги заокружат овие квалификации.

Стрелецот на двата последни гола, Александар Трајковски, кој погоди против Албанија во Струмица, а го совлада и Џанлуиџи Буфон во Торино, е сигурен дека нашиот национален тим успешно ќе ја мине последната пречка и ќе го совлада Лихтенштајн на домашен терен.

„Лихтенштајн? Не размислуваме за ништо друго, освен за победа. Сакаме на најдобар можен начин да ги заокружиме овие квалификации. Иако имавме лош старт, сепак, по триумфот во Израел нанижавме серија успешни резултати, а сега крајот треба да го краси делото. Против Италија покажавме дека можеме да се надигруваме и со големите европски селекции, а сега треба да потврдиме дека знаеме да се носиме и со епитетот на фаворити. Не бегаме од тоа дека сме фаворити против Лихтенштајн, и ќе истрчаме на теренот со една мисла – да победиме“, вели Александар Трајковски.

Мечот меѓу Македонија и Лихтенштајн се игра вечерва, со почеток во 20.45 часот, а главен судија ќе биде Лорент Коприва од Луксембург.

Се вчитува...