Трајковски: Многу сум среќен што се враќам во Палермо, сакам да не потцени Италија за да им докажеме дека вредиме (ВИДЕО)

Фудбалската репрезентација на Македонија се подготвува за историскиот натпревар против Италија во баражот за пласман на Светското првенство кое на крајот на годинава ќе се игра во Катар.

Еден од најискусните во репрезентацијата, Александар Трајковски вели дека е пресреќен што се враќа во Палермо, град во кој помина прекрасни четири години од кариерата.

„За мене кога слушнав дека ќе се игра во Палермо бев многу среќен бидејќи поминав убави четири години во градот. За нас и цела Македонија знаеме колку е важен натпреварот. Верувам во мене и моите соиграчи дека ќе ја израдуваме Македонија и ќе стигнеме до добар резултат. Ми пишуваат пораки моите пријатели во Палермо и едвај чекаат да се вратам. Навистина сум среќен што ќе се вратам на Сицилија и ќе одиграм меч против Италија, кој на крајот се надевам дека ќе го победиме“, вели Трајковски. 

Околу натпреварот тој вели дека се надева дека Италија ќе не потцени, за да можеме да и докажеме дека вредиме…

„Искрено сакам да не потценат за на крајот ние да им покажеме дека погрешиле. И Македонија има одлични играчи кои играат во одлични тимови. Се надевам дека и во Италија ќе покажеме колку навистина вредиме. Еден натпревар е и еден од најважните и за нас, но и за нив. Имаат голем притисок, а ние немаме што да изгубиме. Треба да дадеме максимум и да одиграме храбро и да покажеме дека можеме да одиме понатаму“, заврши Трајковски. 

Натпреварот кој ќе се игра на „Енцо Барбера“ во Палермо е закажан за во четврток во 20.45 часот.

 

Се вчитува...