Трајковски: Неиграњето на Пандев би било хендикеп за нас, но имаме сили за триумф

ЕКИПА во Израел,

Никола Ѓуровски

Офанзивецот на шпанска Мајорка, Александар Трајковски верува дека македонската репрезентација има сили и квалитет за позитивен резултат против Израел утре во Бер Шева во квалификациите за ЕП 2020.

Трајковски смета за Македонија хендикеп би било неиграњето на Горан Пандев, но искрено се надева дека капитенот ќе биде подготвен до утрешниот дуел.

„Ако одиграме како во поголемиот дел од натпреварот со Полска верувам дека ќе имаме сериозна шанса за позитивен резултат. Секако сакаме зад нас да го оставиме мечот со Австрија, извлекувајќи поуки од сето тоа за да не се повторат одредени грешки. Селекцијата на Израел добро ја анализиравме, знаеме дека се работи за тежок противник но подготвени сме за надигрување“ – вели Трајковски, притоа дополнувајќи:

„За нас би бил голем хендикеп неиграњето на капитенот Пандев. Но искрено се надевам дека лекарскиот тим ќе го оспособи до утрешниот натпревар. Но, без разлика на се, кој и да настапи на натпреварот сигурен сум дека ќе го даде максимумот за да дојдеме и до триумф“.

Се вчитува...