Македонскиот репрезентативец Александар Трајковски и официјално промовиран во својот нов клуб, хрватскиот прволигаш Локомотива Загреб.
Искусниот голгетер беше без ангажман од крајот на ланската сезона, беше поврзуван со бројни клубови, но на крајот реши да се врати назад во Хрватска, и тоа во трет различен клуб во оваа земја, по Интер Запрешич и Хајдук.
„Со гордост го претставуваме своето најново засилување – Александар Трајковски! Искусниот долгогодишен македонски репрезентативец пристигна во Кајзерица. Трајковски пристигнува во Загреб по две години поминати во Хајдук, каде што одигра 32 натпревари во ХНЛ и постигна 10 гола. Особено се истакна на дуелот токму против Локомотив во последното коло од сезоната 2023/24, кога постигна хет-трик“ – информираа од Локомотива Загреб.
Претходно и самиот Трајковски истакна задоволство од својот нов ангажман.
„Мило ми е што ќе станам играч на Локомотива, екипа што добро ја познавам од времето минато во хрватскиот фудбал. Се поклопија работите, потребите на клубот и моите лични потреби, па се надевам дека соработката ќе биде на обострано задоволство… Долго време сум без меч, но здрав сум и тоа е најважно. Цело ова време тренирав, свесен сум дека натпреварувачкиот ритам е нешто сосема друго, но верувам дека наскоро ќе влезам во посакуваното темпо“ – изјави Трајковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

