Трајковски: Победата е награда за тоа што веруваме во нас, како да беше судено да дадам гол на мојот „Ренцо Барбера“

Фудбалската репрезентација на Македонија го шокираше светот откако синоќа славеше на гостувањето кај Италија со 0-1 во полуфиналниот натпревар од баражот за пласман на Светското првенство кое на крајот на годинава ќе се игра во Катар.

Херој за Македонија на мечот беше Александар Трајковски кој го постигна голот вреден историја во 92. минута. Еден ден по најважниот гол во кариерата Трајковски вели дека се уште не е свесен за тоа што го направија вчера тој и неговите соиграчи.

„Не сум свесен ниту јас, ниту моите соиграчи не се свесни што направивме вчера. Искрено многу сум среќен, затоа што навистина го заслуживме ова и да се радуваме на еден ваков успех. Се надевам нема да застанеме тука. Кажав и пред мечот со Италија дека веруваме секогаш во нас и нашата верба не награди. Се надевам дека нема да застанеме тука. Не очекува уште една борба и време да се случи чудо. Да испишеме историја и да се пласираме на Светското првенство кое сите го сонуваме“, вели Трајковски.

Околу голот, Трајковски вели…

„Очекував само да издржам 90 минути да заврши натпреварот и да се одмориме за продолженијата. Но, кога ја видов како доаѓа топката до мене, едноставно со последни сили шутнав и целиот фокус го ставив во тој последен шут. Како да беше судено дека морам да дадам гол на стадионот каде што поминав прекрасни четири години. На крајот излезе се како што треба и се израдувавме сите“, додаде Трајковски.

За натпреварот со Португалија, македонскиот напаѓач додава…

„Треба добро да се одмориме и да се подготвиме добро за Португалија. Тие имаат многу индивидуалци и одлични фудбалери. Мораме добро да се подготвиме и да веруваме дека можеме да се носиме и со нив. Знаеме дека ќе биде тешко, но фудбалот прави чуда. И вчера никој не веруваше, но се случи тоа што ќе се случи. Одиме во Португалија да дадеме максимум и се надевам дека ќе отидеме на светско“, заврши Трајковски. 

Натпреварот кој ќе се игра на „Драгао“ во Порто е закажан за во вторник во 20.45 часот.

Се вчитува...