Трајковски: Против Шпанија не треба мотив, подготвени сме да дадеме максимум

Сениорската репрезентација на Македонија активно ги продолжуваа подготовките за квалификацискиот натпревар против Шпанија кој на 11. јуни го играме на националната арена во Скопје.

Избраниците на Игор Ангеловски веруваат дека може да се одигра квалитетен меч со големиот фаворит, во ситуација кога се повеќе се враќа самодовербата меѓу репрезентативците. Иако, сосема е јасно дека ниту можеме ниту сакаме да се закануваме на тим каков што е „црвената фурија“.

Имаме доволно време за подготовка пред квалификацискиот натпревар против Шпанија, одигравме и одличен меч со Турција, но тоа е зад нас. Подготвени сме, а одлука на селекторот е кој ќе го започне натпреварот. Сигурно е дека кој и да добие шанса ќе го даде својот максимум. Шпанија е фаворит, сигурно една од најдобрите светски репрезентации, но мораме да се потрудиме. Некои работи во играта мора да се потрудиме да зависат и од нас. Во модерниот фудбал е многу тешко да се прогнозира како ќе се одвиваат работите на терен, затоа што сите играат фудбал. Ќе се потрудиме да бидеме на највисоко ниво, а дали тоа ќе биде доволно за поволен резултат ќе видиме в недела доцна навечер“вели крилниот офанзивец Александар Трајковски.

Натпреварот со Шпанија стартува од 20:45 часот. Билетите се во продажба преку продажната мрежа на „мктикетс“, но и директно на штандот на ФФМ во Сити мол.

Се вчитува...