Трајковски: Сите сакаме да ја вратиме мак-кошарката каде што припаѓа

Бојан Трајковски со 23 поени и 13 скокови беше клучен играч во вечерашната победа над Косово, потврдувајќи ја одличната форма што крилниот центар ја одржува од самиот почеток на овој претквалификациски циклус.

„Знаевме дека сме подобри, но исто така ни беше јасно и дека нема да биде лесно да стигнеме до победата. Раното водство донесе и мало опуштање, но сепак најважно од се е што победивме и што сме на чекор до тие главни квалификации што ги посакувавме од самиот почеток на претквалификацискиот циклус“ – истакна Трајковски.

Тој предупреди и дека е време младите кошаркари да почнат да добиваат поголема шанса, бидејќи оние поискусните нема уште долго да го носат репрезентативниот дрес.

„Јасно е дека местото не ни е во претквалификации, но затоа и се собравме сите, бидејќи сакаме да ја вратиме мак-кошарката каде што припаѓа по резултатскиот пад во претходните години. Го правиме тоа, се надевам дека ќе се бориме за место на Евробаскет 2021, но исто така и треба да се мисли на помладите, се надевам дека она правило за млади играчи што е воведено ќе вроди со плод и тие ќе добијат поголема минутажа за да се развијат како што треба. Тоа е многу важно бидејќи голем дел од нас можеме да играме уште само неколку години, мора да има некој што ќе не замени, за да не ни се случи пак истото – еден чекор напред, па назад три. Искрено се надевам дека ќе не служи здравје, дека сите ќе дојдеме за последниот меч во Романија, на кој ќе ставиме печат и ќе го осигураме првото место“ – порача Бојан Трајковски.

Се вчитува...