„Трансфер-бомба“ од Турција: Елмас оди на позајмица во Галатасарај?!

Елиф Елмас повторно е актуелен на фудбалскиот пазар во пресрет на јануарскиот преоден рок, но последните информации говорат дека македонскиот „дијамант“ би можел да се врати назад во Турција, и тоа со трансфер во редовите на Галатасарај.

Нашиот најдобар фудбалер ја лансираше фантастичната кариера во дресот на Фенербахче, од каде беше продаден во Наполи. Елмас до лани беше важен играч во таборот на „наполитанците“, но ситуацијата се промени по доаѓањето на Гарсија на клупата на местото на Лучијано Спалети. Гарсија во меѓувреме доби отказ, на негово место пристигна Мацари, но продолжуваат шпекулациите дека Елмас би можел да биде достапен за трансфер во јануарскиот преоден рок.

Галатасарај е последниот клуб што се вклучи во трката по Елиф, откако туркиот гигант веќе стартувал преговори со Наполи за позајмица на македонскиот репрезентативец. Претседателот Де Лаурентис не ја отфрлил можноста да даде зелено светло за позајмицата на Елмас, барајќи отштета меѓу два и три милиони евра, сума што не претставува проблем за Галата.

Турските медиуми најавуваат дека целиот договор би бил склучен уште во текот на месец декември, за Елмас веќе на самиот почеток од јануари да се стави на располагање на новиот тренер. Останува да се сочека и одлуката на самиот фудбалер, кому во случај на ваков трансфер без сомнеж би му следел пеколен дочек од навивачите на Фенербахче, на кои им беше миленик во периодот додека ги бранеше боите на овој тим.

Се вчитува...